
Ракометната репрезентација на Македонија ги заврши настапите на Европското првенство со пораз од Данска, реми со Португалија и победа над Романија. Со ваков скор од три бодови Македонија заврши на третото место во групата Б, конечниот пласман за нашата репрезентација е 14. место.
Но, победата над Романија добива дополнителна тежина кога е во прашање Светското првенство 2027 кое се игра во Германија.
Нашата репрезентација не само што ќе учествува во третиот односно ревашачки бараж, или поточно ќе игра еден бараж, туку ќе биде сместена и во првиот шешир при ждрепката која е закажана на 31 јануари.
Баражите ќе се играат во месец мај, а се играат во принцип дома – гости.
Веќе се одиграа натпреварите од првиот бараж за оние репрезентации кои ги очекува тежок пат до „билет“ за учество на Светското првенство во Германија. Во првите баражи пласман за вториот бараж обезбедија Летонија, Косово и Турција.
Следните баражи се закажани во месец март кога ќе се одиграат истите, а потоа се играат баражите од третиот круг каде Македонија ќе чека противник.
Александар Ванев, М-Нет