Баражите да станат минато за влез во Втора лига, третолигашите сакаат директен влез!

Се повеќе третолигаши, фудбалски тренери, управа бараат укинување на баражите и овозможување на третолигашите кои се шампиони да имаат директен влез во Втора лига.

„Не знам како размислува фудбалска федерација како би го промениле тоа правило, да првиот што во регионот да има директен влез директен пласман во Втора лига, можеби би се скратиле регионите пример да се спојат екипите од истокот пример со екипите од јужниот дел, се со цел да се подобри и квалитетот, мислам дека би се подобри и квалитетот, но и бројот на натпревари би бил поголем и така би се одржувала формата“, вели штипскиот стратег Емил Грнев, која ја води Слога Виница.

Третолигашите од петте региони иако се шампиони играат бараж меѓусебно плус екипата која ќе заврши на 14-то место во Втора лига.

„Мислам дека време е да се размислува да се укине тој бараж бидејќи еве случајот со Влазерими ќе го спомнам две години и се доделува пехар за прво место, а они остануваат пак во таа Трета лига. Мислам дека со најава на оваа ново раководство на фудбалската федерација ќе се има слух за тоа и дека мислам ќе се подобрат работите“, додава Грнев.

Минатата сезона Куманово, Кораб и Влазерими не ги поминаа баражите, а Влазерими од Кичево две години по ред не ги поминува баражите.

„Не треба да има бараж повторувам, значи тоа е мое мислење и не мора да биде точно. Лани, еве ќе спомнам имам таму пријатели, Куманово се вложија дадоа се од себе, инвестираа, бараж, еден натпревар и беа можеби и поквалитетен тим од Победа, но сега се борат за опстанок да кажеме пример. Тоа е едно разочарување кога многу вложувате и на крај некоја ситница таква те одалечува и според мене мислам дека треба да се тргнат тие баражи“, вели Даниел Гоцевски кој ја води Брегалница Делчево.

Веќе се даваат различни предлози за прекројување на границите и со тоа да има можеби и два или три региони кои би биле поквалитетни, а со тоа да има директен влез од Трета во Втора лига.

Александар Ванев, М-Нет