Бактерии во водата за пиење се пронајдени во двете беровски села Двориште и Ратево, се забранува за користење

Бактерии во водата за пиење се пронајдени во двете беровски села Двориште и Ратево. Поради присуство на колиформни бактерии, цревни ентерококи и ешерихија коли, надлежните забранија водата да се користи за пиење и подготовка на храна. Според соопштението на Општина Берово, водата не ги исполнува условите за безбедна употреба и забраната ќе важи до добивање нови резултати кои ќе ја потврдат нејзината исправност. Во наредните денови ќе се спроведе хиперхлорирање на водоводната мрежа и дополнителни анализи.

„Oд водоводните системи во двете населени места, од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, утврдено е зголемено присуство на колиформни бактерии, цревни ентерококи, ешрихија коли , како и зголемен вкупен број на бактерии.

Согласно Правилникот за барањата за безбедност и квалитет на водата за пиење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 183/18), водата НЕ ГИ ИСПОЛНУВА законските и стручните услови за безбедна употреба.

Поради тоа, СЕ ЗАБРАНУВА користење на водата од водоводот за пиење и подготовка на храна, сѐ до добивање на нови резултати кои ќе потврдат дека водата е безбедна за употреба.“, велат од Општина Берово

Како што соопштуваат оттаму, хиперхлорирање на водоводната мрежа ќе се изврши во петок, 19.06.2026 година. Во текот на тој ден, водата не смее да се користи за никакви потреби. Замолуваат жителите да се придржуваат кон препораките

Иван Митев, М-Нет