
Штипската одбојка е пред нова историска страница. Македонскиот шампион Штип УГД официјално аплицираше за настап во ЦЕВ Лигата на шампионите за сезоната 2026/27, што претставува најголем европски предизвик во клупската историја на тимот.
По освоената шампионска титула во машка конкуренција, штипскиот состав го искористи правото за учество во најелитното европско клупско натпреварување. За Штип УГД ова ќе биде премиерен настап во Лигата на шампионите, само една година откако клубот дебитираше на европската сцена преку ЦЕВ Челинџ купот.
Со овој чекор, Штип и Универзитетот „Гоце Делчев“, кој стои зад успешната спортска приказна на клубот, добиваат можност да се претстават пред европската одбојкарска јавност и да ги одмерат силите со најдобрите екипи на континентот.
Покрај Штип УГД, за настап во европските купови аплицираа и шампионот во женска конкуренција Работнички Скопје, кој повторно ќе игра во ЦЕВ Челинџ купот, како и Јанта Волеј Кисела Вода, која преку специјална покана ќе се обиде да обезбеди место во истото натпреварување.
Од Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) се очекува до крајот на месецот да ги потврди сите пријавени екипи, додека ждрепката за новата сезона ќе се одржи на 15 јули во Луксембург.
За Штип УГД, евентуалниот настап во Лигата на шампионите би бил круна на досегашниот развој на клубот и уште една потврда за подемот на штипската одбојка на домашната и меѓународната сцена.