
Порастот на температурите го зголемува ризикот од појава на труење со храна и претставува потенцијална опасност и за здравјето на животните, доколку за нив навреме не се обезбедат доволни количини храна и вода за пиење. Како што информираат од агенцијата за храна и ветеринарство за да се спречи евентуална појава на труење со храна кај граѓаните, неопходно е да се направи правилен избор и нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување.
Агенцијата за храна и ветеринарство ја истакнува важноста на внимателен избор на храна и проверка на нејзината амбалажа, особено за лесно расипливите производи од животинско потекло. Важно е храната да се чува на соодветни температури и да се избегнува консумирање на производи со оштетена амбалажа, како и да се избегнува купување на замрзната или разладена храна која не е правилно чувана. Овошјето и зеленчукот треба темелно да се мијат, а месото и млекото да се обработуваат термички на соодветни температури.
Но, од друга страна проблемите не се само за луѓето , туку и животните исто така се подложни на сериозни здравствени проблеми во овие услови, особено ако не им се обезбеди доволно храна и вода.
Високите температури создаваат голем стрес, што може да доведе до намалена консумација на храна, зголемена потреба за вода, па дури и топлотен удар или сончаница. Симптомите на овие состојби вклучуваат забрзано дишење, зголемена жед, тикови и грчеви. Кога ќе се појават овие знаци, итно треба да се обезбеди свежа вода и ладовина, а животното треба да се смести во простор со добра вентилација.
Милениците не треба да се оставаат во автомобили или простории директно изложени на сонце.
Иван Митев, М-Нет