Андреј од Зрновци кој го фати крстот во Зрновци ја достави донацијата на Пешеви од Штип, Горгиевски ќе ја реновира собата на Емилија и ќе гради нов тоалет

Бела техника, кутии со храна и средства за хигиена денеска беа однесени во домот на семејството Пешеви во Штип. Андреј Ангелов од Зрновци, среќникот кој го фати светиот крст за Богојавление – Водици, ваучерот го донираше на семејството Пешеви, кои минатата годија ја изгубија нивната ќерка Емилија која беше убиена. Дополнително се обезбеди и храна и средства за хигиена за ова семејство. Тој петта година по ред скока по крстот, а годинава беше најсреќен, па реши неговата желба од пред пет години да ја оствари и да донира.

„Ова е моментално прв мој хуманитарен гест. Се надевам дека ќе имам можности и сила да продолжам. Желбата ја имав на 14, 15 години кога ја загубив својата мајка. Денеска се донираше мојот ваучер со тоа што дониравме и храна“ – вели Ангелов.

Освен денешната донација, хуманитарецот Александар Горгиевски преку неговата хуманитарна организација, ќе работи на целосно реновирање на собата во која живеела Емилија, како и изградба на нов тоалет. Собата ќе биде за потребите на малолетниот син на Емилија, а семејството Пешеви по долги години конечно ќе добијат комплетно нов тоалет.

„Донесовме одлука по направениот увид во куќата на фамилија Пешеви, собата каде што Емилија живеела, која е во многу лоша состојба ќе биде комплетно реновирана и ќе биде ставена во употреба за детенцето на Емилија. Исто овие луѓе немаат тоалет и прв приоритет ќе биде да се направи ново комплетно купатило.“ – вели Георгијевски.

Таткото на убиената Емилија вели ова е од големо значење за семејството, бидејќи факт е дека се сиромашни и не можат да си обезбедат подобри услови за живот.

„За нас ова значи многу. Досега никој не е дојдел, да не види после оваа трагедија. Такви луѓе во државата треба да ги има, да помагаат, им благодариме од срце“ – додаде таткото Пешев.

Емилија беше убиена на 1 ноември минатата година, во близина на нејзиниот дом, во напуштен објект на ЈП Исар, на 29 годишна возраст.

Лаура Стојанова М-Нет