
Мултиплициран бројот на претставки од страна на граѓаните поврзани со финансиските друштва. Заменик народниот правобранител, Јован Андоновски, вели дека последниот период е воочено оти граѓаните сѐ повеќе се соочуваат со проблеми кога се во прашање брзите пари.
Причини поради кои се поднесуваат преставки се оти граѓаните не се запознаени со деталите од договорот или енормно високите камати. Андоновски вели дека тие не се надлежни, ама сепак реагирале до надлежното Министерство за финасии за да се има поголема контрола во работењето на финансиските друштва.
„Воочивме дека се мултиплицираше бројот на преставки и јавувања од страна на граѓаните со конкретниот проблем. Од увид во документацијата воочивме дека најчесто граѓаните не се запознаени со деталите од договорот или пак немаат точна информација по однос на каматите и останатите давачки кои се навистина екстремно големи. За таа цел ја предложивме до надлежните институции да се допрецизираат одредбите на Законот за финансиски друштва и да се предвиди построга контрола во работењето.“ – вели Андоновски.
Не е целта да се намали работењето или функционирањето на финансиските друштва, туку да се заштитат граѓаните од измами, дециден е Андоновски. Вели дека има позитивен одговор и се надева дека ќе се води поголема контрола и надзор врз работењето на овие друштва. На тој начин ќе се намалат злоупотребите и измами од страна на граѓаните како и бројот на поднесени преставки.
„Веќе имаме повратна информација дека се работи на допрецизирање на Законот за финансиски друштва и ќе се воведат построги критериуми во однос на тоа како лицата може да добијат брзи пари и дека ќе се зголеми надзорот и контролата врз работата на финансиските друштва. Искрено се надевам дека ќе се поведе ред, наша интенција не е да го пригушиме работењето на финансиските друштва, но да се воведе ред заради правна сигурност на граѓаните“ – додава Андоновски.
Бројот на претставки од почетокот на година достига до 2000, а до декември се очекува оваа бројка да биде многу поголема. Проблемите се во делот на судството, имотно – правни однонси, социјални услуги и слично. Андоновски вели дека речиси и нема институција со која нема поведено постапка, без разлика дали по сопствена или претставка од страна на граѓаните.
Лаура Стојанова М-Нет