Ангелов: Нема опасност од поплави, ама апелирам локалните власти да ги исчистат каналите

На државата не ѝ се заканува опасност од големи поплави, но со природата никогаш не можеме да бидеме сигурни, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, по најавата за поројни врнежи. Посочува дека одржале координативна средба на која утврдиле дека се исчистени сите примарни канали, а се исчистени и сите одводни канали за исцедување на земјиштето. Во добра кондиција се и секундарните канали, но запоставени се оние кои се во надлежност на локалните самоуправи.

„Проблем настанува со терцијалните канали, оние мали канали коишто минуваат покрај куќните дворови, по улиците, од кои што еден добар дел се запоставени, поради што апелираме до општинските власти, во согласност со нивните можности да се погрижат за овие терцијални канали, но апелирам и до граѓаните да не фрлаат отпадоци во овие канали, бидејќи никогаш не знаеме кога тие ќе имаат клучна улога да спречат одредена поплава, којашто нема да биде од библиски размери, но може да направи голема штета на домаќинствата, на куќите, на нивните дворови“, вели Ангелов.

Ангелов упати апел и до граѓаните да бидат внимателни каде се движат и да ги заштитат своите подруми и куќи особено на повисоките делови од градовите, каде постои опасност од поплава.

„Апелирам и до граѓаните да бидат внимателни со движење до суводолици, бидејќи при некој пороен дожд може за миг да се создаде голема количина на вода која би ги загрозила. Граѓаните коишто живеат на стрмни улици во повисоките делови на некои градови постојано се случуваат со поплава на нивните подруми. Апелирам и до нив да бидат претпазливи и да го преземат она што е во нивни можности за да ги заштитат подрумите и живеалиштата“, додава Ангелов.

Координативната средба се одржа по повод гласините во медиумите дека на државата ѝ се заканува опасност од големи поплави. На средбата присуствуваа претставници од ЦУК, УХМР, Водостопанство, Противпожарната бригада на град Скопје, МВР, ДЗС, Министерствата за земјоделство и животна средина.

Ребека Спасова М-Нет