
Алкалоид одигра одличен натпревар против Охрид со контрола на резултатот и играта во текот на сите 60 минути. „Фармацевтите“ забележаа нова победа и во 2. коло од ракометната Супер лига од 22:28.
Алкалоид одлично го отвори натпреварот, направи почетна серија од 0:5 на што Стевче Алушовски повика тајм-аут.
По тајм-аутот Охрид се стабилизираше и ја стопи предноста на „фармацевтите“ на 5:7.
Откако играта “падна”, на 6:7 за гостите Кирил Лазаров повика тајм-аут по кој Алкалоид направи нова разлика од три гола при 9:12.
По двата реализирани седмерци Цицар промаши во третиот, а од другата страна Алкалоид преку крилото Мартин Велковски зголеми на 9:13. Трајковски му одбрами седмерец на Ојлески, а Алкалоид одлепи на 9:15 за предност од шест гола.
Трајковски беше расположен на голот на Алкалоид и ја спушташе “ролетната” при ударите на “гладијаторите”, на што Алушовски повика нов тајм-аут на 30 секунди пред крајот на првиот дел од мечот кој се играше во салата “Билјанини Извори”.
Арнауд Бинго во последните секунди погоди за 10:16 на полувреме.
Вториот дел Охрид го отвори со реализација за 11:16. Исклучувањето на Бојаниќ, Алкалоид го искористи максимално и одлепи на 11:18. Голманот на охриѓани Даниел Ѓорѓески со одлични интервенции не дозволи повисока предност за Алкалоид.
Во 39. минута гостинот направи разлика од плус осум при 11:19. На 10 разлика при 16:26 Алушовски повика трет тајм-аут, а по истиот Охрод намали во разлика до конечниот исход 22:28.
Најдобар стрелец во кај вицешампионот Алкалоид беше Митев со девет гола, а кај “гладијаторите”, Цирар даде шест гола, а Шешиќ пет. Во следното коло Охрид гостува во Куманово, додека Алкалоид ќе игра дома против Еурофарм Пелистер 2.