
Катасторфална е состојбата во Општина Кочани, истакна денеска на својот прв прес в.д. градоначалникот, Венко Крстевски. Недостасуваат човечки ресурси во ТППЕ Кочани, КЈП „Водовод“ Кочани е без дисректор и со долг од три милиони евра, најмногу по основ на електрична енергија, основно училиште две години не плаќало сметки за вода. Нема доволно инспектори, па лоша е кадровската состојба и во општината. Крстевски посочи дека ќе се работи со цел да се изнајдат решенија на сите проблеми во овој краток временски период.
„Затечена е хаотична состојба со нецелосни проекти, таква е и во КЈП Водовод Кочани, каде не се знае дали имаме директор и дали таа оставка е валидна, немаме технички директор. Катастофална е состојбата со човечките ресурси во пожарната каде треба да имаме 32 вработени, а има само 16. Едноставно целата ситуација е таква каква што е, но на мене како в.д. градоначалник останува да работиме и мора да има драстични промени.“ – вели Крстевски.
Алармантна е ситуацијата и со дивоградбите, посочи Крстевски и додаде дека со тоа е нарушена состојбата во градот. Додаде дека во наредниот период освен ова ќе се реализираат и сите започнати проекти од претходниот градоначалник.
„Најавувам сериозна борба против дивоградбите и кривични пријави за секој оној кој ќе биде затечен. Нема да има никаква толеранција, ниту остапки спрема никој. Сите проекти кои се започнати од претходниот градоначалник ќе бидат продолжени“ – додава Крстевски.
Кочани еден месец беше без градоначалник, откако претходниот Љупчо Папазов си даде оставка ден по трагедијата во дискотеката Пулс. Без директор од пред неколку дена е КЈП Водовод Кочани, а општината нема и секретар. Крстевски најави дека овие места ќе се пополнат со внатрешни луѓе бидејќи тие најдоборо ги знаат проблематиките, и нема време за поставување луѓе од надвор.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет