Левица: ДПМНЕ и СДСМ ги претворија младите во вечни кираџии и банкарски должници

Сè повеќе граѓани се задолжуваат за да си купат сопствен стан. Само во јуни, станбеното кредитирање во Македонија пораснало за 16,6% на годишно ниво, што е дури 3,5 процентни поени повеќе од растот во Хрватска. Зад овие бројки не треба да гледаме само „раст на кредитирањето“, туку реалност во која сè повеќе луѓе мора да влегуваат во долгови за да дојдат до нешто што треба да биде основа за нормален живот, велат од Левица.

„Наместо станбеното прашање да се решава со државна политика, младите се оставаат сами да се снаоѓаат. За да купат стан, земаат кредити на 20, 25 или 30 години, со што стануваат должници на банките практично целиот свој работен век. Станот кој треба да биде сигурност за семејството станува доживотна обврска и ризик од финансиски проблеми при секое губење на работа, намалување на приходите или зголемување на трошоците за живот.

Оние кои не можат да си дозволат кредит, остануваат кираџии. Во услови на неконтролирано урбанистичко дивеење, раст на цените на недвижностите и интерес на приватниот, домашен и странски капитал да го извлече максималниот профит од секој квадратен метар, станбеното прашање станува сè потешко решливо за млад човек со просечна плата.

Ова е една од основните причини поради кои младите си заминуваат од државата. Не заминуваат само поради платата или лошите услови во државата. Заминуваат затоа што гледаат дека и со работа и со образование, тешко можат да обезбедат нормален живот, сопствен дом и сигурност за своето семејство. Сѐ  потеко се одлучуваат и за формирање на семојство токму поради нерешено станбено прашање прашање во Македонија.

Не може државата да дозволи домувањето да биде оставено на регулација на слободниот пазар. Кога единствената опција за млад човек е или да биде кираџија до крајот на животот или да се задолжи со стотици илјади евра, а притоа има сѐ помалку млади од година во година, тогаш проблемот не е во младите, проблемот е во системот кој е 35 години кроен од едни исти политички играчи.

Затоа е неопходна целосна реформа на јавното претпријатие за домување. Државата мора повторно да преземе активна улога во изградбата на станови за граѓаните, преку изградба на квалитетни станбени и урбани објекти кои ќе се продаваат по фиксна и однапред утврдена цена, со ниска и однапред определена профитна маржа.

Јавното претпријатие не треба да биде алатка за создавање огромни профити, туку инструмент преку кој државата ќе обезбеди достапен стан за оние кои работат и сакаат да создадат дом. Исто како што приватните градежни компании градат и продаваат станови, така и јавното претпријатие треба да гради, но со јасно ограничена профитна маржа и со единствена цел: становите да бидат достапни за граѓаните. Со тоа ќе се постигне намалување на пазарните цени на становите и на приватните претпријатија. Домувањето не е луксуз. Сопствениот дом не смее да биде привилегија само за оние кои имаат капитал, наследство или можност да се задолжат до крајот на животот.

Ако продолжиме вака, наместо држава со свои домови ќе станеме држава на кираџии и должници. Затоа, наместо младите да ги тераме да бегаат, државата мора да создаде услови тие да можат да останат, да работат и да создадат семејство во сопствен дом.

Станбеното прашање мора повторно да стане јавен интерес. Државата мора да гради, да го регулира пазарот и да обезбеди достапно домување. Само така можеме да спречиме цела генерација да стане роб на долгови или вечен кираџија“, се вели во соопштението.

Текстот Левица: ДПМНЕ и СДСМ ги претворија младите во вечни кираџии и банкарски должници е превземен од МАКФАКС.