
Четири лица починале во изминативе 24 часа во штипската болница. Хоспитализрани има и на Кожното одделение, а по долго време и на Интерното одделение во Кочани. Во Клиничка болница Штип, 53 ковид – позитивни пациенти, а седум дошле и во дневната болница. Од нив, 49 се на Инфективното одделение, четири на Кожното одделение. 31 лице се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка, а вакцинирани се 15. Оздравени и испишани се шест лица, а ново примени седум. Починале четири лица, едно на 69 годишна возраст од Штип, две на 78 и 82 годишна возраст од Кочани и едно од Пробиштип на 80 годишна возраст. На Инфективното одделение има 11 слободни места, а на Кожното одделение шест, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.
По подолго време повторно отворено и Интерното одделение во Општа болница Кочани за ковид – позитивните пациенти. Таму засега има хоспитализрано само едно лице и истото не е вакцинирано, ниту е со потешка клиничка слика или на кислородна поддршка, информираат од болницата.
Во градовите од Истокот активни се вкупно 879 случаи на Ковид – 19. Бројот е трицифрен во Штип, каде има 316 ковид – позитивни лица, во Кочани – 218 и во Делчево – 126. Во останатите градови бројот е двоцифрен, а најмалку активни случаи има во М. Каменица – 31.
На територија на цела држава во последните 24 часа регистрирани се 1.908 нови случаи на Ковид – 19, што е 33% од од вкупниот број направени тестирања, односно 5.834. Од вкупниот број реинфекции се 254. Оздравени, пак, се 1.129 лица, а починале 22 и уште четири пријавени преку системот Мој термин. Од вкупниот број починати, седум биле целосно вакцинирани, а кај 19 се регистрирани коморбидитети.
Досега во земјата се направени вкупно 1.773.325 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 265.101, бројот на оздравени пациенти е 239.581, на починати е 8.338, а бројот на активни случаи изнесува 17.182.
Ребека Спасова М-Нет