
Целокупната документација која е потребна за екстрадиција на Љупчо Палевски треба да биде готова денеска, истакна на прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Посочи дека Започната е целосната постапка, доставени се сите материјали до Министерството за правда и очекува дека денеска ќе биде испратена во Турција. Додаде дека адвокатот е задржан во полициска станица, и се одлучува што понатаму, а за возачот кој го превезе Палевски во Турција ќе биде поднесена кривична пријава.
„Во однос на адвокатот задржан е во полициска станица на распит и кога ќе заврши ќе се одлучи што понатаму.“ – вели Спасовски.
Во оваа прилика Спасовски порача да не се меша политиката во вакви случаи во кои има убиство. На таков начин вели жртвите се убиваат одново.
„Политизирањето и политиканството во вакви случаи на убиства мислам дека уште еднаш ги убива жртвите и тоа не е добро затоа што нема никаква цена која може да биде оправдана во ваков вид. Тоа се политиканства од најдолен вид кои ги преземаат такви екстремни десничарски кругови. Јас навистина не поскаувам да се впуштаме сите во политика туку да се работи сериозно и до крај да се проширува истрагата.“ – вели Спасовски.
Спасовски порача да се однесуваме одговорно се додека трае истрагата со цел да се помогне истата успешно да заврши.
„Упатувам апел до сите да имаме одговорно однесување, и сите кои велат дека имаат докази треба веднаш да ги предадат на истражните органи“ – додава Спасовски.
Инаку, За Палевски беше распишана меѓународна потерница преку Интерпол. Тој беше уапсен во Турција и се чека негова екстрадиција. Тој преку Белград и Бугарија пребегна во Турција.
Лаура Стојанова М-Нет