
Дали конечно и во нашата држава ќе пристигнат првите дози на вакцини против Ковид 19. Утринава Министерот за здравство Венко Филипче, го потпиша договорот за набавка на вакцини со кинескиот производител „Синофарм“. Со тоа Македонија обезбедува 200 илјади вакцини кои треба да пристигнат овој месец, но сеуште не се знае точната дата на нивно пристигнување и за истото ќе се преговара деновиве.
„Министерството за здравство почитувајќи ја одредбата од договорот за тајност, а во согласно со глобална политика на сите компании за производство на вакцини, вклучително и на „Синофарм“, податоците што ги содржи договорот остануваат доверливи“, велат од МЗ
Исто така потврдуваат дека е направен детален план за транспорт на вакцината од аеродромот до веледрогериите како и план за дистрибуција до вакциналните пунктови. Вакцината од производителот „Синофарм“ може да се дава на сите граѓани без ограничување по било кој основ бидејќи истата има оптимален однос меѓу безбедноста и ефикасноста.
Вакцината на „Синофарм“ се чува и дистрибуира на температура од 2 до 8 степени, а вакцините се пакувани во формулација на претходно наполнет шприц, што ја олеснува и самата апликација на вакцината.
Први ќе се вакцинираат здравствените работници од ковид – центрите, матичните лекари и останатите вработени во матичните ординации, вработените во Итна помош и други здравствени работници опфатени во првата група од Фаза 1, како и возрасните граѓани над 70 години.
Во втората фаза се вакцинираат лицата постари од 65 години, лица од 18 до 64 со коморбидитети или здравствени состојби со висок ризик, здравствените работници од Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје, фармацевтите, стоматолозите и другиот здравствен персонал, вработени во други витални институции, критична инфраструктура и новинарите, вработени во образовните институции и градинки.
Во третата фаза останатите преостанати лица од повеќе групи од други важни дејности како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена, банкарски сектор, земјоделие, останати вработени во образование во здравство со низок ризик на зараза, лица кои што не можат да одржуваат физичка дистанца и на крајот сите граѓани кои сакаат да примат вакцина на возраст од 18 до 64 години.
Во штипската Клиничка болница од 450 вработени, над една третина се пријавиле веднаш да се вакцинираат против коронавирусот. Според податоците од Клиничка болница, на анкетите 126 вработени побарале веднаш да ја примат вакцината, додека останатиот перосонал се пријавил за во наредните фази.
Лаура Стојанова М-Нет