Ќе добие ли ЈП „Исар“ нов директор?

Општина Штип е една од општините која доби нов градоначалник во првиот круг на седмите локални избори кои се одржаа во неделата на 17 октомври. Откако во текот на вчерашниот ден сегашниот градоначалник му посака плодна работа на новиот градоначалник, на социјална мрежа фејзбук, директорот на ЈП Исар, Здравко Коцев напиша дека и неговиот мандат завршува денеска.

„Сакам да ви се заблагодарам за вашата работа, вашиот труд, за вашата желба да нашиот Штип го направиме поубаво, почисто,позелено место за живеење во овие нецели 7 месеци. Почитувани Штипјани сакам и на вас да ви се заблагодарам за подршката, критиките.Дали успеавме оставам на вас да цените. Од денес престанува мојот мандат како директор на Ј.П.Исар ! На сите ви посакувам понатамошна успешна работа а пред се здравје.“ напиша Коцев.

Иван Јорданов како нов татко на градот во градоначалничката фотелја ќе седне за седум дена. Но, по статусот на Коцев се отвори прашањето кој ќе раководи со ЈП „Исар“. Кој ќе биде човекот кој ќе се грижи за чистотата во градот под Исарот, ѓубрето и зеленилото. Дали и другите директори ќе бидат променети, одговор побаравме од новиот градоначалник кој се уште не е седнал на оваа функција. Од партијата ни одговорија дека работата се следи ако им потреба за промени во јавните институции истите ќе бидат направени.

„Врз основа на нашите претходни сознанија за начинот на работа и на база на документацијата со која располагаат јавните институции, ќе направиме анализа на нивниот воспоставен систем на работа во изминативе години. Доколку некаде се јави потреба од промени, се разбира ќе ги направиме, затоа што ветивме ажурна, ефикасна и посветена локална самоуправа и тоа мораме да го оствариме.“ – кажаа од ВМРО ДПМНЕ.

Здравко Коцев на функција ВД Директор на ЈП “Исар“ дојде на 22 март 2021 година, кога стариот директор Живко Тасев беше разрешен од се уште актуелниот градоначалник Николов. Целта на промените беше градот под Исарот да добие подобар лик, чистотата да се крене на повисоко ниво, да се работи чесно и одговорно. Здравко Коцев како директор на ова јавно претпријатие беше директор и претходно. Без два дена тој како ВД директор на Исар беше седум месеци.

Лаура Стојанова М-Нет