Љубовта не боли! Љубовта не носи страв! Стоп за насилството!

Диши…
Наполни ги градите со воздух и диши. Почуствувај го пулсот во вените…
…И биди благодарен што можеш тоа да го направиш!

Дишењето е благодет, тоа е привилегија која што мора да се научиме да ја цениме. Стани наутро и биди среќен што ги полниш белите дробови со кислород. Израдувај се што дишеш, зашто тоа значи дека си жив. А животот е ремек дело на поединецот. Ремек дело кое прави да ги почувствуваш солзите на тажните, страста на заљубените, страдањата на отфрлените, восхитот на просветлените и гневот на обесхрабрените. Да, ги чувствуваш, ги искусуваш сите тие емоции, и љубовта, и гневот, и тагата, и омразата, и задоволството и восхитот… Но сепак чувствувајќи ги, не можеш да ја одгатнеш вечната мистерија на постоењето. А животот тече.

Животот нема време за чекање. Нема време за страв, гнев, љубомора. Нека не ве обземаат тие чувства, зашто само така ќе бидете излезени од комата во која што сте западнати. Насилството не смее да биде премолчено. Насилството не е вклучено во животот и во решавањето на проблемите. Примената на сила, закана и заплашување не се вклучени во животот. Вршење телесни повреди, емоционална или сексуална злоупотреба не се решаваат со тишина. Материјално, работно искористување и грубо навредување предизвикуваат чувство на несигурност, не предизвикуваат воопшто уживање на благодетот наречен живот. Затоа е потребно да не го преспиете животот. Реагирајте! Делувајте! Зборувајте!

Кажете го гласно својот проблем зошто само така ќе резултира со решение. Вашата тишина е најголемо оружје на вашиот противник. Тишината нема да направи да ви помине болката. Љубовта не треба да боли. Затоа што да се стане жртва не е избор, избор е да се преживее!

А единствено ќе се преживее само ако го прифатите фактот дека можете да направите нешто друго. Ниту едно суштество не заслужува насилство од било каков тип. Разликата помеѓу луѓето и животните е тоа што луѓето имаат разум.  Говорот и знаковниот јазик ги одделуваат луѓето од животните. Зарем не е разумно да помислиш дека физичкото насилство не резултира со решение. Може да резултира само со фрлање на проблемот под тепих. А моментот кога ќе кренеш рака врз некого е момент кога ја покажуваш својата не човечност. Нека биде вашиот избор да се преживее, затоа што животот е еден и вие не заслужувате тој само да помине покрај вас.

Вие го знаете рецептот, време е да му се насмевнете на животот и да бидете среќни. Време е секој да го добие она што го заслужил. Немојте да верувате во лагите кои ги слушате дека вие го заслужувате тоа насилство. Не верувајте дека вие сте родени да сте нечиј слуга и потчинети во животот. Немојте да се срамите од тоа што го преживувате. Секоја модринка ке ви биде сведок на моментите кои ви предизвикуваат стрес. Време е да кажете доста! Побарајте помош само така ќе се ослободите од тежината што ја носите на плеките.

Чувството на слобода е незаменливо. Немојте свесно да си го кратите тоа задоволство. Вие вредите и заслужувате повеќе! Време е да кажете СТОП на насилството!

Маја Дукова / М Нет