
Штип ќе добие нова болница во приватна сопственост на д-р Сашко Николов, инвестиција што отвора ново поглавје во здравствената услуга за регионот. Темелите на идниот здравствен објект беа осветени во вчерашниот ден со молитва и со благослов од страна на Митрополитот Брегалнички г. Иларион, заедно со свештонослужителите од оваа епархија.
Во време кога здравството се соочува со бројни предизвици, секој чекор кон проширување на капацитетите значи повеќе од инвестиција – тоа е ветување за грижа, за пристапност и за достоинствен третман. Новата болница, чија изградба започнува токму деновиве, претставува амбициозен чекор напред и за пациентите, и за стручниот медицински кадар.
Д-р Сашко Николов е интервентен кардиолог од Штип, со значаен придонес во областа на кардиологијата и активна улога во јавниот живот. Д-р Николов работи во Клиничката болница во Штип, каде се истакнува како специјалист по интерна медицина со супспецијализација во интервентна кардиологија и ехокардиографија . Пред околу четири години, тој премина од приватна здравствена институција во јавното здравство, со цел да придонесе кон унапредување на кардиолошките услуги во регионот .Во јануари 2024 година, д-р Николов стана првиот македонски кардиолог регистриран во Европскиот Бифуркационен Клуб, елитно здружение на интервентни кардиолози од Европа и пошироко. Ова признание е резултат на неговата посветеност и успешни интервенции во областа на сложените стентирања .
Иван Митев, М-Нет