
Ракометарите на Текстилец од Штип играат фантастична сезона и котираат високо горе на табелата во Првата лига.
Штипјани со одлични подготовките и одлично сколопен тим покажуваат дека може да се носат и со фаворитите кои се борат за првото место, таков беше случајот со Вардар Неготино, кога големиот фаворит беше поразен во Штип, а поразот од Текстилец се рефлектираше со тренерска промена кај тимот од Неготино, па на местото на Пепи Манасков дојде Игор Котевски.
Ракометарите на Текстилец одиграа седум натпревари, забележаа пет победи и два порази, со позитивна гол разлика од 232 постигнати и 200 примени погодоци, а тимот на своето конто има 10 бодови и се наоѓа на петтото место.
Ако се направи преглед на самата табела тогаш Младост од Богданци е прв со 14 бодови, Вардар Неготино е втор со 12 бодови, но овој тим има меч повеќе, Мулти Есенс е трет со 12 бодови, а четврти е Драчево Јуниор со 12 бодови, па следува Текстилец на петтото место со 10 бодови.
Во следното коло Текстилец на домашен терен во Штип ќе го пречека непоразениот лидер Младост од Богданци, што ќе биде тежок натпревар за штипскиот тим, но силно мотивиран ќе атакува на триумф и против големиот фаворит од Богданци, особено фактот што во Штип беше совладан тимот на Вардар Неготино, кој исто така се бори за влез во Суперлигата.
Инаку, првопласираниот тим обезбедува директен влез во Суперлигата, а пак второпласираниот тим игра бараж за можен влез со тимот кој ќе биде претпоследен во суперлигашкиот плеј-аут.
Александар Ванев, М-Нет