Шкендија Арачиново на врвот, Брегалница со два бода негатива, на дното без промени!

Вонредното 11. коло на Втората лига не направи многу големи проблеми на табелата, екипи речиси и ги задржаа позициите кои ги имаа уште по десеттото коло, но има некои екипи кои бодовно се израмнија па делат позиции на второлигашката табелата.

Шкендија Арачиново го сочува врвот од табелата со 29 бодови на своето конто, а тимот на Љупчо Марковски – Калц има два бодови повеќе во однос на Брегалница, „сините“ на Влатко Костов имаат 27 бодови и го држат второто место.

На третото место останува Охрид со 24 бодови, „рибарите“ освоија тешки три бода во дуелот со Тетекс, додека пак Скопје е четврти со 23 бодови, а потоа следува Беласица која е петта на табелата со 22 бодови.

Детонит Плачковица не направи промена на табелата останува на шестото место со 19 бодови, а потоа следува Новаци како седми со 17 бодови, додека пак по 16 бодови имаат Кожуф кој е осми и Осогово кој е деветти или веќе во бараж зоната.

Каменица Саса со 13 бодови е на десеттото место на табелата и направи три бода разлика во однос на останатите екипи, па така Тетекс е на 11-тото место или во бараж зоната со 10 бодови, а по десет бодови имаат Победа и Вардар Неготино кој се на 12-тото односно 13-тото место или во зоната за директно испаѓање во Трета лига.

Три екипи имаат едноцифрен број на освоени бодови. На 14-тото место е Преспа со шест бодови, следува Слога Виница како претпоследна со четири бодови и на дното е Големо Коњари со три бодови.

Веќе во сабота ќе се одиграат натпреварите од редовното 12. коло на Втората лига, а со оглед на таоа дека ќе има дерби натпревари, би имало поголеми можности за промени на табелата, а особено во горниот дел.

Александар Ванев, М-Нет