
По три одиграни кола во Првата кошаркарска лига екипата на Соколи од Штип има максимален учинок, односно три победи од три натпревари, па со тоа штипскиот тим го продолжува патот кон обезбедување на влез во Суперлигата, нешто што не успеа да го направи за многу малку минатата сезона.
Соколи е во групата Б на Првата лига, а низ досегашните три одиграни средби, кошаркарите на штипскиот тим забележаа триумф над Борец Баскет и тоа со убедливи 90:71, во второто коло го декласираа Спортисимо со 115:76, а веќе во третото коло следуваше големата драма во Свети Николе каде со победничката тројка на искусниот Никола Караколев, штипјани го добија мечот со Овче Поле со 109:112.
Фокусот е веќе на мечот од четвртото коло Соколи ќе имаат неизвесно соочување со тимот на Бутел.
Во однос на самата табела максимален ефект има и Струмица ФМП кој поради подобрата кош разлика е на првото место со шест бодови, колку што има и тимот на Соколи. На делба на третото место со по четири бодови се Овче Поле и Бутел, но скопскиот тим има меч помалку.
Спортисимо е петти со три бодови, а пак Струмица Ролинг и Борец Баскет имаат по два бодови од два меча на кои забележаа порази.
Во групата А лидер е Вардар со шест бодови, Мега Баскет е втор исто така со шест бодови, на третото место е Охрид со пет бодови.
На 4. место е Црн Дрим со три бодови, но и меч помалку, Водно Санс е петти со три бодови, Тетекс и Младинец се во долниот дел со по два бодови односно имаат два порази и практично немаат позитивен резултат.
Александар Ванев, М-Нет