
Двократниот европски првак и светски вицешампион во карате, Емил Павлов, борачот Дејан Митров, кој веќе шеснаесет години е на државниот трон, и ветеранот во борење, Ацо Крстев, ја поздравуваат иницијативата на Телевизија М-Нет за Избор на спортист до 18 години на град Штип за 2023 година, карактеризирајќи ја како можност која треба да ја искористи секој спортист. Веќе е јасно дека преку ваквите конкурси и јавни огласи кај младите се поттикнува мотивацијата и желбата за спортот, а тоа сака да го постигне и Телевизија М-Нет преку Изборот кој годинава го организира првпат, а со цел афирмација на младите, вреднување на спортските успеси и популаризација на спортот.
„Сакам да ја поздравам оваа идеја на вашата телевизија да се организира една ваква манифестација, бидејќи од мое лично искуство досега сите оние награди и признанија за мене биле вреднување на трудот кој сум го вложил изминатите години. Мислам дека ова е една одлична идеја и мотив за сите млади спортисти“, вели Павлов.
„Овие манифестации се, навистина, од големо значење за спортистите, бидејќи се вреднува целиот труд, целата пот којашто ја дале во текот на изминатата натпреварувачка сезона. Добро е што некој знае да се сети и да ги награди овие наши најдобри, јас би рекол, амбасадори“, вели Митров.
„Супер е ова што го правите оти јас сум од постарата генерација. Претходно имаше избор на сениори, избор на младинци, додека сега имаме пионери, кадети, имаме многу категории млади и им даваме поттик да работат, да тренират, да прават резултат“, вели Крстев.
Спортот е начин на живот, насока по која треба да се движат младите луѓе, согласни се Павлов, Митров и Крстев. Апелот до младите луѓе е да се одлучат за некој спорт, со што ќе работат на здраво тело, но и здрав дух.
„Спортот е начин на живот во којшто се гледам јас лично и мислам дека ние имаме обврска кој помладите, да се заложиме и да им дадеме насока, да ги насочиме младите генерации во сала, на терен, во базен и на тој начин ќе ги избегнат секојдневните пороци, кои, за жал, земаат сѐ поголем замав во нашето општество“, вели Митров.
„Спортот им дава еден правец уште од мали нозе и нема никаков проблем“, додава Крстев.
„За мене спортот претставува најубаво нешто што ми се има случено во животот и препорачувам секој млад да се запише на спорт. Не мора да биде многу успешен, но треба да спортува, бидејќи тоа е важно за секое младо дете“, апелира Павлов.
Пријавата за Избор на спортист до 18 години на град Штип за 2023 година е отворена до 5 февруари. Доделувањето парична награда за најдобриот спортист и признанија за сите апликанти е на 18 февруари. Ги покануваме сите заинтересирани спортисти и членови на спортски клубови и здруженија да ја преземат пријавата од веб-страницата mnet.mk и да аплицираат на Изборот во организација на Телевизија М-Нет.
Ребека Спасова М-Нет