Штипските детски градинки ја одбележаа Неделата на детето со натпреварувачки игри

Дечињата од детските градинки во Штип денеска беа дел од натпреварувачки игри кои се организираа за заокружување на Неделата на детето. Настанот се одржа на игралиштето во населбата Автокоманда каде се стави акцент на физичката активност кај децата, што е еден од важните фактори за правилен раст и развој кај децата. На двете детски градинки „Вера Циривири – Трена“ и „Астибо“ им беа доделени и наградни ваучери од страна на Општина Штип.

„По повод Неделата на детето покрај тековните активности, децата од нашата градинка „Вера Циривири – Трена преку песни, игра и рецитал ги кажаа своите права, но и своите обврски. Со ова сакаме да испратиме една важна порака дека сите деца се еднакви, треба да бидат почитувани и сакани. За крај на неделата имаме организирано натпреварувачки игри со сите дечиња од сите наши работни единици, од големите групи, со што ја завршуваме Неделата на детето“, вели Ивана Арсов, директорка на ЈОУДГ „Вера Циривири – Трена“.

Секоја година првата недела од месец октомври се одбележува како Недела на детето, со цел да се потсетат државите потписнички на Конвенцијата за правата на детето за потребата од обезбедување на услови кои би гарантирале спроведување на принципите и правата кои произлегуваат од Конвенцијата. Според принципите на Конвенцијата, сите деца и млади имаат исти права, односно имаат право на здравје со највисоки стандарди, право на бесплатно образование, право слободно да го искажуваат своето мислење и да бидат слушнати. Сите деца имаат право на безбеден живот, право на дом, храна, родителска љубов, право на соодветен животен стандард, право да бидат заштитени од насилство, злоупотреба, злоставување и запоставување. Светската недела на детето e недела кога интензивно се зборува за правата на децата и овие денови да бидат поттик за посериозно и попосветено продолжување со активностите за подобрување на состојбата со правата на децата.

Ребека Спасова М-Нет