Чија е надлежноста за отстранување на градежниот шут под конзолите на река Отиња?

Конзолите на река Отиња, проект чија прва фаза веќе е завршена. И доколку се наоѓате на самите конзоли навидум изгледа сѐ прекрасно, но ако сте на пешачката патека наместо трева од страната има само градежен шут.

Граѓаните на Општина Штип согласни дека сликата е грда, и надлежност треба да има. Просторот за пешачење и рекреација наместо да биде убаво уреден тој и по 20 дена од завршувањето на градежните активности сѐ уште стои неисчистен. Прашавме чија е надлежноста и овој шут кој треба да го отстрани од овде. Комуналниот инспектор при Општина Штип, Борче Везенков вели одговорноста е на изведувачот, додавајќи дека ќе му се испрати опомена за преземање активности во расчистување на просторот.

Знаете дека надлежни за отпадот во централното градско подрачје, исто и во коритото на река Отиња е ЈП „Исар“. Но, во овој случај се работи за проект за изведба на конзоли на река Отиња. Ние како комунална инспекција ќе пратиме допис до изведувачот кои ги има изведено овие конзоли во одреден рок, да кажеме во рок од 10 – 12 дена, истиот тој отпад да биде соберен и исчистен од нивна страна. Доколку изведувачот не постапи по тоа ќе мора да бидеме приморани да одиме со казнени одредби“ – вели Везенков.

Инаку проектот за изградба на конзоли покрај река Отиња треба да продолжи, односно конзоли да се постават до основното училиште „Ванчо Прке“. Првата фаза заврши со поставување на козоли од мостот спроти градската црква до гимназијата во Штип.

Лаура Стојанова М-Нет