
Четири починати лица во Клиничка болница Штип поради компликации до коронавирусот се регистрирани во последните 24 часа, од кои едно лице е вакцинирано со две дози од кинеската вакцина „Синовак“. Починатите се две лица од Радовиш на 72 и 73 годишна возраст и две лица од Штип на 78 и 79 годишна возраст. Кај сите пациенти се забележани и претходни коморбидитети. Во последното деноноќие новопримени се пет пациенти, а испишани три. Со оваа статистика бројот на хоспитализирани е 57, од кои 51 на Инфективното одделение и шест на Кожното, а десет пациенти се во дневна амбуланта. Од хоспитализираните 44 се на кислородна поддршка, а вакцинирани се 14 лица. Слободни се само осум кревети за ковид позитивните – пациенти, четири на Инфективното одделение и четири на Кожното, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.
Во кочанската болница на Интерното одделение хоспитализирани се 13 ковид позитивни – пациенти од кои пет се вакцинирани и исто толку се на кислородна поддршка. Во последните 24 часа новопримени се две лица, исто толку се и испишани, а слободни се 14 кревети, информираат од болницата.
Бројката на активни ковид – случаи во општините од Истокот е 819, сега најмногу во Кочани 232, потоа во Штип 230 и во Делчево 125. Во останатите општини бројката е двоцифрена вклучувајќи го и Пехчево каде бројот на активни ковид – случаи од 3 до 5 претходна недела се искачи на 14.
Според информации од Министерството за здравство, заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.439.606 тестирања на КОВИД-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 210.938, бројот на оздравени пациенти е 195.157, на починати е 7.390, а бројот на активни случаи изнесува 8.391.
Лаура Стојанова М-Нет