
Штип денес го пречека Жељко – хуманитарец од Р.Србија кој со денови пешачи со една голема цел – да помогне во изградба на нов дом за деветчлено семејство од Бања Лука. Неговата мисија започна на 21 април од Ужице,Србија, а конечната дестинација му е Грција.
Желјко за М Нет телевизија изјави дека треба да изоди 800 километри, или, како што вели, повеќе од еден милион чекори во служба на доброто. На патот кон југ, Желјко вели дека наидува на огромна поддршка од граѓаните, особено во Македонија.
,,Моето име е желјко, јас тргнав од 21 април од Ужица Србија да одам пеш до Грција. Патот ќе трае 22 дена и е приближно 800 км, а тоа е преку милион чекори. Целта на ова одење е за хуманитарна помош за градење нов дом на загрозено семејтво од 9 лица.“, рече Жељко
Денеска тргнал од Свети Николе и пристигна во Штип. Утрешната дестинација му е Радовиш, а потоа ќе продолжи кон Струмица, Стар Дојран и конечно – Грција.
,,Помагаат сите луѓе . Уплаќаат пари на сметката на хуманитарна организација, даваат пари на мене. Тие што ги даваат пари на мене, јас ги уплаќам исто на сметката. Денеска тргнавме од Св. Николе и ќе одам до Штип. Утре сум во Радовиш, па потоа Струмица па Стар Дојран и после одам кон Грција.”, додава Жељко
Желјко со својот пример покажува дека хуманоста нема граници и дека, кога срцето е водено од добрина, ниту километри, ниту умор не можат да го сопрат човекот да направи добро дело. Со секој нареден чекор, тој не само што се приближува до целта, туку и ги инспирира другите да се вклучат и да помогнат.
Од Штип, приказната за хуманоста продолжува – чекор по чекор, кон подобар живот за едно семејство кое со надеж ги следи вестите од патот на Жељко.
Иван Митев, М-Нет