
Новаци со убедлива победа од 3:1 против Демир Хисар го отвори пролетниот дел од Третата македонска фудбалска лига – Југозапад.
Новаци и Кораб заедно ќе се „тркаат“ за место во баражот и пласман во Втората македонска фудбалска лига, а на стартот од пролетниот дел некогашниот второлигаш одигра одлично и на своето конто додаде три бода, со што го зададе првиот удар кон конкурентот од Дебар, кој утре ќе гостува кај Јанг Тим.
На полувреме Новаци имаше водство од 2:0 со головите на Стефан Јовановски кој погоди во 12. минута и Иве Трифуновски кој погоди на три минути пред крајот на првиот дел.
Во вториот дел Демир Хисар се обидуваше брзо да постигна гол, а тоа се случи во 74. минута кога Трајче Андрески постигна гол и намали на 2:1, со што гостите се вратија во игра барем за бод. Сепак, радоста не траеше долго, бидејќи по три минути игра Јоцо Ѓорговски постигна гол со кој не дозволи изненадување и ги постави конечните 3:1.
Новаци барем до утре ќе биде сам на врвот со 27 бодови, пред Кораб кој е втор со 24 бодови и Јанг Тим кој е трет со 19 бодови, додека пак екипата на Демир Хисар до утре ќе биде на четвртото место со 18 бодови.
Колото ќе биде комплетирано утре.

