
Со света архиерејска литургија на која чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ-ОА, г. г. Стефан Штип го започна 19 декември, ден посветен на Св. Никола, заштитник на градот. Мноштво верници ја зедоа учество во литургијата, а потоа литиски се движеа од Соборниот храм „Свети Никола“ кон Плоштадот „Слобода“ предводени од Митрополитот Брегалнички, г. Иларион, и повеќе Архиереи. Таму се пренесе пораката за молитва кон Бога за милост и спасение од Синот Божји.
„И ни помага и ни дава сила, трпение, мудрост да опстоиме во ова тешко време кога најмногу е прогонувана и нападната Црквата Христова, заради тоа што ја говори вистината и го сведочи преданието. Му благодариме што се моли за целиот свет и го молиме да се моли насекаде за сите луѓе во светот, бидејќи, навистина, светот има потреба од милоста Божја, од молитвите на светиот Николај. Го молиме да престанат сите војни и недоразбирања меѓу луѓето, да испроси и да измоли од милостивиот Бог, мир, благосостојба, телесно и душевно здравје за Господ Бог да нѐ помилува како што и секој пат нѐ милува и да нѐ спаси“, рече во своето обраќање Митрополитот Брегалнички, г. Иларион.
Во кршењето на славскиот колач на Плоштадот „Слобода“, освен Митрополитот Брегалнички, учествуваше и штипскиот градоначалник, Иван Јорданов. Тој посочи дека ваквите моменти се можност да се потсетиме на добрите дела и да го следиме примерот на Свети Никола, а да работиме за личен и општествен развој.
„Денеска е голем ден, голем празник за нас – штипјани, за нас – православните христијани, затоа што Свети Никола е заштитник на градот Штип, светец којшто им помагал на луѓето духовно и материјално и ни дава причина повеќе да се трудиме да го следиме неговиот пат, да си подадеме рака еден на друг, да си помагаме во вакви тешки времиња. Нека по молитвите на нашите свештеници и по молитвите наши, Свети Никола ни дари мир во нашите срца, во нашите домови, благосостојба, напредок и развој во нашиот град и во нашата држава. Нека е за многу години, да сте живи и здрави!“, порача градоначалникот Јорданов.
Штипјани со децении го чествуваат Свети Никола како заштитник на градот, а ова е и една од најчестите куќни слави. Градот со денешните активности го заврши чествувањето на празникот, зашто вчеравечер традиционално беа доделени и признанијата и орденот „Св Никола“.
Ребека Спасова М-Нет