
Во спомен, наместо во присуство на Јордан Симоновски денеска беше промовирана книгата „Фото Трајче, дејност и семејно потекло“. Бројната публика која присуствуваше на овој настан беше доказ за значењето на Јордан Симоновски за градот Штип, а повеќе од 1600 фотографии кои беа изложени во штипскиот Безистен сведочеа за повеќедецениската фотографска дејност на брендот „Фото Трајче“. Универзитетскиот професор, Кирил Барбареев, зборуваше за книгата, за која рече дека е трајно и темелно сведоштво за брендот како најголемо фото-студио во Штип и цела држава.
„Додека најголемиот број луѓе се луѓе на своето маало, на својот град, евентуално на својата земја, нација или епоха, постојат и луѓето за кои секое одредување е претесно, кои со својот пример, со своите дела, идеи и уверувања, со своето однесување се актуелни во секоја средина и секоја епоха, зашто она што тие го прават и го кажуваат е такво што им е важно и потребно на сите, секаде, отсекогаш. Таков човек беше Јордан Симоновски“, вели универзитетскиот професор, Кирил Барбареев.
Во книгата Симоновски почнува од браќата Ристо и Мите Сушеви, продолжува со неговиот татко Трајче Симоновски, кој е син на Мите Сушев, и во голема мера ја раскажува сопствената приказна, а има оставено податоци и за останатите членови на семејството. Во голема мера овие приказни се поткрепени со фотографии. За фотографијата како значаен облик на изразување на оваа промоција зборуваше и поглаварот на МПЦ-ОА, г. г. Стефан.
„Иако фотографијата, на пример, кога станува збор за портрет, објективно го прикажува изгледот на човекот, сепак таа е успешна само доколку прикажувајќи ја неговата надворешност, успее да ја долови и неговата внатрешност оти подобно на иконата и на фреската, фотографијата не го прикажува само изгледот на телото, туку ги одразува и чувствата, духовната и душевната состојба на фотографираните луѓе“, рече г. г. Стефан. Арихепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима.
Јордан Симоновски мотивирано ја подготвуваше оваа книга и самата промоција, рече Александар Донски во оваа прилика. За жал, тој не ја дочека, но ова што се случува денеска сведочи за него, додаде Донски.
„Сите овие фотографии заедно ги работевме, јас ги скенирав сите. Тој беше многу посветен на оваа книга, на оваа промоција и, за жал, се случи тоа што се случи, само три дена пред промоцијата тој замина во вечноста“, вели Александар Донски.
Јордан Симоновски почина минатата недела, истиот ден кога за Телевизија М-Нет ја најави промоцијата на книгата. Зад себе остави фотографска опрема од почетокот на 20. век и десетици илјади фотографии кои треба да се обработуваат и со тоа да станат достапни за јавноста. Донски вели дека неговата желба била од тоа да направи приватен музеј, а во последното интервју Симоновски ја пренесе пораката дека секое семејство има историја која заслужува да биде засведочена.
Ребека Спасова М-Нет