
Излупени ѕидови, скршени прозори, затворени врати. Ваква е сликата на поранешното детското одмoралиште на Плачковица, кое се наоѓа во срцето на планината, но не е функционално, односно не се користи како одмoралиште. Истото повеќе од една деценија е под надлежност на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, а намената е за конгресен центар во кој студените ќе извршуваат практична настава.
„Колку денеска се користи овој објект и како?“ го прашаваме проректор за настава на УГД, професор Мишко Џидров. За М-Нет Телевизија тој кажа дека просторот не е планиран за одморалиште, но и дека засега нема предвидување за негова реконструкција.
„Поранешното детско одмаралиште на Плачковица е во надлежност на УГД, меѓутоа не е предвидено да биде одморалиште. Таму моментално има лабораторија за геомагнетни истражувања, која е функционална и студентите ја користат. Исто така, реновирана е и кујната каде се подготвуваат јадења од студентите на Факултетот за туризам и бизнис логистика и тие таму одат на пракса. Со ковид пандемијата ова е намалено. За надворешна реконструкција на објектот потребни се средства. УГД сега не може да го реконструира истото, односно во некои подобри времиња се надеваме дека овој објект ќе биде реконструиран.“ – кажа Џидров.
Инаку, поранешното детско одморалиште беше реновирано со средства од фондовите на ЕУ, преку Програмата за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија.
Во околината на Штип и Карбинци нема ниту едно детско одмаралиште. Со тоа граѓаните, пред сѐ децата, се лишени од можноста да уживаат на планина во одмаралиште, како што е примерот со Кочани и Делчево.
Лаура Стојанова М-Нет