
Петтото коло во Првата женска фудбалска лига не донесе некои поголеми изненадувања, Кочани го претрпе највисокиот пораз на гостувањето во Струмица, каде со 8:1 загуби од Тиверија Брера. За тимот на Кочани ова е четврти сезонски пораз, а пак Тиверија Брера стигна до третата сезонска победа.
Голем пораз претрпе и Речица на домашен терен губејќи од фаворитот Љуботен со резултат од 2:8, а пак Каменица Саса го доби дербито со Истатов во гости со 1:3. За тимот од Македонска Каменица ова е трета победа во низа и со тоа прогресира кон горниот дел од табелата, додека пак Истатов го забележа третиот пораз во низа.
Во дербито на главниот град шампионот Скопје во финишот со минимални 0:1 славеше над Вардар и со тоа шампионот стигна до трета сезонска победа, а Вардар го забележа петтиот пораз од толку натпревари и се наоѓа на дното без бодови.
Колото ќе се комплетира со мечот меѓу Ас Јунајтед и Пелистер.
Во однос на табелата на врвот е Љуботен со 13 бодови, втор е шампионот Скопје со бод помалку, а пак Тиверија Брера е трета со десет бодови. По девет бодови имат Каменица Саса и Пелистер, но битолчанки имаат меч помалку, а пак Ас Јунајтед е шести со осум бодови со тоа што и стружанки имаат меч помалку.
Истатов со шест бодови е седми, а потоа следува пресек на табелата. Речица е осма со еден бод колку што има и Кочани кој е претпоследен односно во бараж зоната, а на дното како големо разочарување е Вардар без бодови.
Александар Ванев, М-Нет