Тупанчески: Проблемот со вработени во Штипска апелација мора да се реши до крајот на годинава

Новиот Кривичен законик на стручна расправа во Апелациониот суд во Штип. Министерот за правда, Никола Тупанчески, посочи дека од анализите на примената на Кривичниот законик, особена слабост била примената на мерката конфискација. Во новиот текст, кој се подготвува по речиси три децении, овој институт е усогласен со европското законодавство. Тупанчески од средбата во Штип посочи на проблемите кои се продлабочуваат во штипското апелационо подрачје, а за кои треба да се најде соодветно решение најдоцна до крајот на годината. Овој дел од судството, ќе мора да се справи со недостатокот на вработени кои си заминуваат по основ на пензионирање, а кои нема кој да ги замени.

„Тие недостатоци, нели, ги спомнавме, а ќе повторам уште еднаш, се однесуваат на бројот на вработени судии, бројот на вработени обвинители, бројот на предмети над коишто работат и судии и јавни обвинители и дојдовме до заклучок дека навистина треба итно да се реагира. Во меѓувреме, апелационото подрачје во Штип останува без голем број на судии во таа апелациона истанција и верувам дека ќе дојдеме до заедничко решение, до кое ако не стигнеме до крајот на годината, ќе се судриме со реален проблем, со огромен број на предмети пред коишто постои застареност“, истакна Тупанчески.

Во Основниот суд во Штип, пак, лани имаше 14 судии, но тројца заминаа во пензија. Предвидената бројка на вработени е 120, но овде се вработени и помалку од 40 лица. Инаку, во новиот Кривичен законик се врши редефинирање и хармонизација на пропишаните казни за одредени кривични дела. Новини има и во законските одредби за тортура, малтертирање во вршење на службата, перење на пари, а се воведува и ново кривично дело екоцид, кое е значајно за актуелните кривичните дела за загадување на животната средина.

Ребека Спасова М-Нет