
Субвенции од 20.000 денари за вградени ПВЦ прозорци, 15.000 денари за топлински пумпи и 80.000 денари за поставување фотонапонски централи во домаќинствата најави Министерот за економија, Крешник Бектеши. Главната цел на оваа мерка е обезбедување квалитетни, оптимални услови за живеење, на начин со кој ќе се заштеди и финансиски средства и електрична енергија.
„Министерството за економија, како и претходните години, нема да го скрати буџетот, но во спротивно, ќе го зголеми во делот на реализација на програмата за промоција на обновливи извори на енергија, како и поттикнување на енергетската ефикасност. Средствата во оваа програма се во вкупен износ од 70 милиони денари кои ќе се користат за реализација на следните мерки“, истакна Бектеши.
Станува збор за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата, за што се предвидени 25 милиони денари, а што ќе опфати над 1.200 домаќинства. Ќе се надоместат и дел од трошоците за купување на сончеви термални колекторски системи во домаќинства за што се предвидени 15 милиони денари и ќе опфати над 1.000 домаќинства. Кофинансирањето тука е до 30 отсто, но не повеќе од 15 илјади денари, а дел од трошоците ќе се надоместат и за купување и инсталирање фотоволтаици.
„Тука се предвидени 30 милиони денари и ќе опфати над 400 домаќинства, како мерка што првпат се спроведува во нашата држава. Повратот ќе биде до 30 отсто, но не повеќе од 80.000 денари. Дополнително на тоа, согласно новиот правилник и другите подзаконски акти, обврска е на универзалниот снабдувач, вишокот на електрична енергија да ја преземе и согласно утврдената цена на Регулаторната комисија за енергетика да им ја плати или да им ја надомести дополнително на секој од домаќинствата кои ќе одлучат да направат вакви инвестиции“, посочи Бектеши.
Од Министерството додаваат дека покрај на домаќинствата, програмата индиректно ќе помогне и во надминување на проблемите и задржување на ликвидноста на компаниите од гасниот сектор, кои беа најмногу погодени од тековната светска енергетска криза.
Ребека Спасова М-Нет