Стражарот на депонијата во Кочани се жали на лоши услови за работа, надлежните велат проблемот ќе се реши

Без вода, струја и греење во 21 век. Вработен во КЈП Водовод Кочани, кој работи како стражар на градската депонија, вели условите за работа се повеќе од лоши. Секојдневно чека по два часа превоз за работа, откако ќе отиде на депонијата денот го поминува во барака во која нема основни услови за живот и работа. Се грее на шпорет кој самиот го нашол во ѓубрето и го користи, таванот тече па на дожд стражаи со чадор.

„Гледате сами, доле мрзнам, горе мрзнам. Јас од шест ипол саато сум доле на трупчето, никој не ме качува, превоз немам, струја немам, вода немам ништо немам. Седум часа во денот сум овде, јас си знам како. За овие четири, 20 години ми се скрати животот. Шпоретот го најдевме тука во ѓубрето и го ставив.“ – вели Благој.

Благој од Кочани четири години работи на ова место, вели се променија тријца директори во претпријатието ама неговите проблеми остануваат исти. Работата вели не е тешка, примањата се солидни, ама заради лошите услови загрозено му е сопственото здравје.

“Четири години не неколку пати, на тројца директори алармирав.“

За условите за работа на стражарот на градската депонија во Кочани, вработен во КЈП Водовод, одговор побаравме и од претпријатието. Директорот Антонио Паунов, во телефонски разговор за М-Нет телвизија истакна дека условите навистина се неприфатливи, и дека ќе му се излезе во пресрет на потребите на вработениот. Тоа значи дека бараката ќе се реновира, или Благој ќе добие нова работна позиција.

Истовремено, еден час подоцна и Тасев потврди дека директорот го контактирал и дека му е ветено подобрување на условите за работа за неколку дена.

Лаура Стојанова М-Нет