
Над 20 дела на уметникот Драган Гелев вчера беа изложени во штипскиот Безистен, а со тоа понудени на продажба за посетителите. Собраните финансиски средства преку Здружението „Доктор Симон Василев“ ќе бидат наменети за студентка на Општа медицина, која е во незавидна положба по смртта на својот родител.
„Тоа што мене ми е приоритет е да нагласиме дека оваа изложба е донаторска на една прекрасна Фондација од Штип, која, за жал, го носи името на еден прерано починат штипски доктор, Симон Василев, Фондација која ги финансира младите студенти, а мене, искрено, тоа како идеја баш ми се допаѓа и сакав да земам дел од ова општество на кое припаѓам, а во кое не живеам“, вели уметникот Гелев.
„Сакам да се заблагодарам во мое лично име и во име на целото Здружение за овој голем и несебичен гест на уметникот Драган Гелев, кој денес освен својата креативност и огромен талент, ни покажа и дека е голем човек и претставува пример за сите останати. Средствата коишто ќе бидат собрани на оваа изложба, ќе бидат доделени на студентка по Општа медицина, којашто, за жал, по загубата на својот родител, остана сама и е во многу незавидна положба“, истакна сопругата на доктор Симон, Мирела Василева.
Основната мисија на Здружението „Доктор Симон Василев“ е потпомагање на студенти на медицина за продолжување на хуманата лекарска професија. Доктор Василева вели дека изборот на е во соработка со студентите од Медицинскиот факултет во Штип, кои се уште еден пример за хуманост. Поттик за хумани чекори даде и студентката, Бојана Кацарова.
„Околу изборот на студентите коишто ги помагаме имаме голема помош Здружението на студенти при Медицинскиот факултет при УГД и морам да кажам дека мене многу ме радува тоа што кај овие млади колеги гледам голем ентузијазам за оваа работа и тие за многу брзо време успеваат да се солидаризираат и да помогнат, така што се надевам дека ова денешно дело на Драган Гелев, како и сите дела и големината на мојот сопруг, доктор Симон Василев, за нив ќе претставуваат само мотивација и охрабрување да продолжат да чекорат по патот на хуманоста“, додава Василева.
„Како иден лекар и млад хуманист би сакала да ги охрабрам сите луѓе да се вклучат во добротворни организации и настани од ваков сличен карактер, секако, кој колку може. Наша човекова одговорност е да градиме свет на промени и да се потрудиме да направиме нечиј живот многу поубав и похармоничен. Пример за сето ова се иницијативите на нашата професорка, д-р Мирела Василева, и на нашиот ликовен уметник, Драган Гелев, којшто многу придонесоа во хуманоста со нивните несебични дела и со нивните хумани гестови“, истакна Бојана Кацарова, заменик претседател на СОМА.
Изложбата на уметникот Драган Гелев беше прва на програмата на Штипското културно лето и со тоа се отвори 38. издание од оваа штипска манифестација.
Ребека Спасова М-Нет