Средба на акцијаши-волонтери во Штип, се одбележуваат 45 години од акцијата „Плачковица“

45 години од сојузната младинска работа „Плачковица“ – повод за средба на сите акцијаши-волонтери во Штип. Годината на активности се започнува со средба на која се дискутираше за сите спортски, културни и работни активности за кои мотото е „Позитивното да не се заборави“. На вчерашниот настан, кој се одржа во Домот на култура, беа доделени и неколку благодарници и признанија, а следната средба е закажана за наесен.

„Ние учествуваме во сите акции кои и досега се организираа, и организиравме и учествувавме во акции кои други ги организираа. Тоа се активности од типот на екологијата и уредување на животната средина, кои ги реализираме и во другите градови. Планираме една републичка акција во која ќе бидат вклучени повеќе млади од повеќе градови на Македонија, но и другите држави и која ќе трае една недела“, вели претседателот на Здружението „Пат на младоста“ во Штип.

Една од активностите која ќе биде темел на овогодинешната програма е афирмација на акцијаштвото меѓу учениците од основните и средните училишта. Целта е во систем на изгубени вредности да се потенцира алтруизмот, односно помагањето без очекување нешто за возврат.

„Имаме и една сеопфатна активност која ќе биде присутна цела година, а тоа ќе биде промоција и промовирање на волонтерството. За таа прилика целна група ќе ни бидат ученици од повисоките одделенија при основните училишта и учениците од средните училишта. Преку видео-презентација ќе го промовираме акцијаштвото како предвесник на волонтеризмот“, вели Мавроди Карпичаров, член на Здружението „Пат на младоста“ – Штип.

Поддршка на вчерашниот настан искажаа и од други здруженија со ваква дејност, како што е ЗГ „Акцијаш-ветерани“ од Велес. И нивната цел е повторно формирање на младински бригади, кои ги имало претходно, но кои не опстанале поради пандемијата. Соработката меѓу здруженијата ја оценуваат како солидна.

„Да им искажеме поддршка и мислам дека ќе успееме во сите активности коишто ги планираат. Инаку, и во Велес работиме добро, се дружиме. Изведуваме локални работни акции, минатата година одржавме 22 работни акции, каде што голем дел беше пошумување на езерото Младост, акции во однос екологијата. Целта ни е да формираме младински бригади повторно“, вели Делчо Косов од велешкото ЗГ „Акција-ветерани“.

Инаку, штипското здружение месецов на Изборно собрание избра ново раководство, односно нови членови на Здружението, а на досегашниот претседател, Никола Кангалов, мандатот му беше продоложен едногласно. За потпретседател беше избрана Тодорка Атанасовска.

Ребека Спасова М-Нет