Две возила и дел од работна просторија изгореа во пожар во карбинското село Таринци

Две возила и дел од работна просторија се запалиле синоќа, околу 2 часот по полноќ, во карбинското село Таринци. Настанот веднаш бил пријавен во противпожарната станица, од каде пожарот го изгаснале за кратко време. Во пожарот причинета е единствено материјална штета.

„Негде ноќта по 02:00 часот, ТППЕ Штип доби дојава за запален автомобил и камион. Противпожарната единица интервенираше брзо со три противпожарни возила и девет пожарникари. Пожарот беше изгаснат брзо, па не дозволивме негово ширење на кровната конструкција и на целта куќа“, истакна командирот на ТППЕ Штип, Дарко Коцев.

Коцев вели дека периодов се карактеризира со намален интензитет на интервенции, меѓутоа станува збор за пожари на куќи и станови со поголеми материјални штети. Во однос на палењето на оџаците, пак, Коцев вели дека споредено со минатата година, годинава е поретко.

„Овој период исто така интервенираме на запалени оџаци, но за разлика од минатите години, оваа година е со послаб интензитет на палење на оџаците. Апелираме навремено чистење на оџаците, редовно чистење за да не дојде до запалување и до поголеми материјални штети“, вели Коцев.

Инаку, според првични информации, пожарот во карбинското село Таринци настанал од самозапалување на едно од возилата, по што се проширил во целата просторија полна со апарати за работа. Штетата дополнително ќе се утврдува, а во пожарот нема повредени лица.

Ребека Спасова М-Нет