Со турските студенти пристигнаа и турски локали – прераснува ли Штип во студентски град?

Со почетокот на новата академска година, во Штип пристигнаа и странските студенти. Оваа година тоа се претежно граѓани од Турција, но и од Црна Гора, Бугарија и слично. Раководството на Универзитетот „Гоце Делчев“ и претходно даваше информации за процентот на странски студенти кој од година во година сѐ повеќе расте. Традиционално, секоја година интересот е најголем од Турција, но има и студенти од околните земји како Бугарија, Грција и Србија, но и од подалечните како Холандија, Германија, Австралија и држави во Африка и Азија. Присуството во градот е очигледно, согласни се и граѓаните.

Проректорот за настава на Универзитетот, Мишко Џидров, вели дека во моментов курсот за изучување македонски јазик го посетуваат околу 400 студенти, а по успешното завршување на курсот, може да посетуваат редовна настава на македонски јазик на кој било од 12 факултети и три академии. Бројката е уште поголема ако се земат предвид оние коишто веќе посетуваат настава во прва или во погорните години на некоја од единиците на Универзитетот, но за истата точна статистика нема. Студентите се сложни дека овде имаат идеални услови за студирање и престој. Може да се каже дека во Штип со турските студенти, пристигнаа и турски локали. Овој факт го потврдува и отворањето на турски ресторани, локали и кафетерии, кои периодов земаат поголем замав во градот. Меѓутоа, Штип, секако, има и што да понуди за престој и рекреација на домашните и странските државјани во областа на културата и спортот. Домот на млади, Центарот за култура, Театарот, Библиотеката, Спортската сала „Јордан Мијалков“ и уште низа спортски терени за рекреација се некои од тие места. Несомнено, Штип прераснува во студентски град, а тоа, секако, има позитивно влијание врз економијата и развојот на градот.

Ребека Спасова М-Нет