
Со сечење на џиновската пастрмајлија на шеталиштето „Ванчо Прќе“ денеска напладне се отвори 17. издание на манифестацијата штипска Пастрмалијада. Со богата музичко – забавна програма наредните два дена Штип ќе биде центар на случувањата. Дополнително градот ќе има и финансиски прилив на средства кои ќе ја поддржат локалната економија.
„Следните два дена Штип ќе биде домаќин на илјадници посетители кои ќе имаат можност да вкусат штипска пастрмајлија, да уживаат во прекрасната музичка програма и јас сум сигурен дека наредните два дена Штип ќе биде центар на Македонија. Она коешто морам да го потенцирам е дека во наредните два дена Штип ќе има финансиски прилив на средства кои ќе ја поддржат локалната економија, всушност тоа е суштината на одржување на пастрмалијадата како настан“ – кажа Јорданов.
Многу посетители, музика и многу изедени пастрмајлии се очекуваат во наредните два дена во Штип. Денеска на отворањето присуствуваше и министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, кои истакна дека преку вакви настани се вложува директно во економијата.
„Навистина е чест да се биде дел од овој голем настан во Штип, за кој живее целиот град. Сметам дека е добро да се организираат вакви настани со цел да се раздвижи Локалната економија. Ова значи многу посетители кои овие денови ќе го посетат Штип, тоа значи влез на неколку милиони евра директно во локалната економија што е задвижување за целата чаршија, за целото стопанство и нешто што секако треба да биде поддржано“ – вели Николовски.
Манифестацијата штипска Патрмалијада продолжува и утре. По 19 часот, концертниот дел ќе се реализира на градскиот стадион во Штип, а ќе настапат Елена Ристевска, Владо Јаневски и ѕвездата на вечерта Дино Мерлин.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет