Со државната химна да започнува наставата во с. Облешево, училиштето ќе поднесе иницијатива

Со постројување, интонирање на државната химна и кревање на македонското знаме на јарбол пред училиштето, учениците од ООУ „Климент Охридски“ во село Облешево го одбележаа првиот ден од месец ноември. Директорот, Јорданче Костадинов, вели дека ќе поднесат иницијатива ова да стане пракса. Идејата е државните симболи да се поздравуваат на почетокот на секој училишен ден со цел подигнување на чувството и почитта кон химната и знамето на татковината како симболи и репрезенти на државноста на Македонија.

„Станува збор за иницијатива преку која изразуваме искрена почит кон татковината и со која имаме за цел да го подигнеме националното чувство и љубовта на децата кон Македонија, и да ги охрабриме и потикнеме да учат, осознаваат и да ја сакаат македонската култура и традиција.“ – вели Костадинов.

Костадинов вели дека како училиште ќе поднесат иницијатива до Советот на Општина Чешиново-Облешево да донесе одлука наставата во училиштата на територија на општината да започнува со интонирање на државната химна. Иницијативата е подготвена, но сѐ уште не е доставена.

Ребека Спасова М-Нет