И населбата Пребег ќе се опфати со градскиот превоз, има согласност за отпочнување на постапката

Граѓаните од штипската населба Пребег бараат општинскиот линиски превоз да ги опфаќа и нив директно во населбата за да не пешачат од и до првата автобуска постојка кај средното училиште „Коле Нехтенин“. Ваквите реакции веќе извесно време се упатуваат на социјалните мрежи, но поднесени се и како барање до ЈП „Стипион“, а денеска беа изложени и на седницата на Советот.

„Би сакала да го пренесам гласот на граѓаните и потребата на граѓаните од населба Пребег, дека поради основни потреби и купување на потребните намирници, луѓето имаат потреба да го користат градскиот превоз и се имаат обратено во неколку наврати до Јавното претпријатие, но немаат одговор. Оваа прилика сакам да ја искористам и да го доставам до Советот овој предлог за да се продолжи линијата во населбата покрај зградите и да излегува повторно долу на постојката“, побара Иванова.

Но за ова засега нема можност во рамки на линиите кои ги опфаќаат учениците, бидејќи, како што вели сообраќајниот инспектор при Општина Штип, Оливера Блажева, тие линии се премногу долги и временските поаѓања и пристигнувања нема да одговараат на потребите на учениците. За другите линии сега не се подготвени, но не ја отфрлаат можноста населбата да биде вклучена во рамки на линиите кои не опфаќаат ученици. Се разгледува секоја можност, се оди на посигурната варијанта и тоа како да се работи рентабилно, додава Блажева.

„Барањата се стигнати до Јавното претпријатие и се разгледуваат. Во делот на линиите, поаѓањата и доаѓањата коишто опфаќаат ученици, верувајте, оваа линија веќе со спојувањето на две линии е долга и временски и со километри, секое дополнување е многу рано тргнување на учениците и покасно стигнување во училиштата. Нема да можеме во делот на линиите коишто опфаќаат ученици да ја воведеме оваа постојка до Пребег, но размислуваме и ги гледаме опциите во делот на поаѓањата и доаѓањата коишто не вклучуваат ученици да излеземе во пресрет на граѓаните“, посочи Блажева.

Беше изложено и тоа што во населбата Пребег нема автобуска постојка, па советниците едногласно го прифатија предлогот – да се отпочне постапка за одредување автобуска постојка и воведување на општински линиски превоз до самата населба Пребег. Во рамки на денешната седница беа изгласани и измените во однос на постоечките линии, како и воведувањето на нова линија од Ново Село до ООУ „Ванчо Прќе“, што пред сѐ е за потребите на учениците во целодневниот престој. ЈП „Стипион“ поради верскиот празник Задушница утре ќе воведе и дополнителен термин во рамки на линијата од населба Баби до Бањата „Кежовица“. Поаѓањето ќе биде во 09:00, а заминувањето во 11:00 часот.

Ребека Спасова М-Нет