Поради заинтересирани инвеститори, нас. Пребег ќе се спои со бул. „Гоце Делчев“ со нов пат

Штипската населба Пребег ќе се спои со булеварот „Гоце Делчев“ по нов пат. На денешната седница на општинскиот Совет беше утврден нацрт деталниот урбанистички план кој го опфаќа подрачјето помеѓу булеварот „Гоце Делчев“, улицата „Скоевска“ во населбата Пребег и река Брегалница. За овој дел е изготвен детален урбанистички план, кој има менуван опфат, а по барање на заинтересирани инвеститори.

„Овој предлог-план е инициран по барање на заинтересирани инвеститори откако истиот претходно беше одобрен од ваша страна и предвиден во Програмата за изработка за 2024 година. Ова планско решение е со површина од околу шест хектари. Во прилог на самата предлог-одлука имате графички прилог од план со којшто детално може да се утврди опфатот којшто го дефинира ова планско решение. Се дефинираат неколку парцели и тоа парцелата којашто е на постоечката Автобуска станица, парцелата на постоечкиот Градски стадион и две помали парцели за деловни намени на деловните објекти коишто гравитираат во делот кон Султановиот мост“, истакна Лазар Хаџи Николов од Одделението за урбанизам при Општина Штип.

Иницијативата претходно поминала и на Комисијата за урбанизам, по што Програмата е дополнета во делот Програмски задачи финансирани од заинтересирани инвеститори.

Ребека Спасова М-Нет