Соколи од Штип на врвот во Втората кошаркарска лига, уште неколку екипи во трка за влез во Прва лига!

По 14 одиграни кола во Втората кошаркарска лига на Македонија, екипата на Соколи од Штип е на врвот од табелата со освоени 26 бодови на своето конто. Штипјани се осамени на врвот од табелата, а со добра игра, напорна работа и посветеност клубот е на добар пат за влез во Првата лига.

Токму во таа трка за влез во Првата лига влегуваат повеќе екипи, конкуренти за Соколи ќе им бидат екипите на Маџари и Ангели кои го делат второто место со по 25 бодови, односно бод помалку од лидерот од Штип, Борец Баскет кој е четврти со 23 бодови, колку што има и Црн Дрим кој е петти.

Овие екипи ќе ја водат борбата за првите две места кои водат директно кон пласман во кошаркарска елита на Македонија.

Овој викенд екипата на Соколи од Штип ќе гостува кај ланскиот прволигаш Охрид, во рамки 15. коло на Втората кошаркарска лига.

Како што е познато во Втората кошаркарска лига на Македонија се натпреваруваат 12 екипи, првите две патуваат во Прва лига, а пак последни две екипи од Втора лига испаѓаат во Третата кошаркарска лига на Македонија.

Александар Ванев, М-Нет