Се чека за неприоритетни операции оти КБ Штип мака мачи да најде медицински кадар

Недостатокот од медицински кадар во Штипската болница полека си го зема својот данок. Во моментов болницата работи со сто испразнети работни места, што комплетно го отежнува процесот на работа. Граѓани од Радовиш и околината на Штип реагираат дека чекаат за операција на жолчка, бидејќи биле одбиени со образложение дека нема доволно медицински кадар. Директорот на Клиничка болница – Штип, потврдува дека одложување на операциите има, но само кај оние коишто не се приоритетни. Најголем проблем во случајов, посочува тој, е недостатокот со кој се соочуваат на Одделението за анестезиологија.

„Тоа не е хронична болест и поради тоа има простор за одложување на операцијата. Се чека по изготвена листа, кога пациентот ќе дојде на ред, истиот ќе се оперира. Нема анестезиолози и тоа е проблемот за кој веќе алармиравме и со кој се соочуваме изминативе месеци.“ – вели д-р Георгијев во телефонски разговор за М-Нет Телевизија.

Во Клиничката болница за само два месеца си заминале 30 вработени, а недостасуваат лекари, медицински персонал, хигиеничари и друг стручен кадар. Проблемот е и најголем на Одделението за анестезиологија, кое функционира со само тројца анестезиолози, но лекари специјалисти, медицински сестри, болничари и хигиеничари недостигаат и на Ортопедија, Интерно, Очно, Инфективно и речиси сите останати одделенија. Дел од вработените заминаа во приватното здравство, друг дел се пензионираа. Во последниве две и пол години заминати се 70 здравствени работници, а за истиот период нема вработувања, што беше причина Болницата од Министерството за здравство да бара 50 вработувања.

Ребека Спасова М-Нет