
Министерот Бочварски на увид на градежните работи на локалниот пат Блатец – Детлово во виничко. Проектот се реализира преку Програмата за рехабилитација на локалната патна мрежа, а преку вакви проекти, според Бочварски градежништвото се покажува во добра кондиција и покрај тешките услови во кои живееме. Програмата на Министерството за капитални инфраструктурни проекти предвидува 308.000 евра.
„Проектот за рехабилитација на локалната патна мрежа во општините е еден од најзначајните проекти кој го реализираме преку Министерството за транспорт и врски и би сакал да потенцирам дека досега опфативме 130 локални патишта во над 60 општини. Поддршката за локалните самоуправи продолжува во континуитет обезбедувајќи побезбедни локални патишта по кои ќе патуваат граѓаните. Општина Виница преку овој проект има на располагање околу 780.000 евра, а денеска сме овде да извршиме увид во градежните работи на реконструкција на локалниот пат на местото Блатец до Детлово, каде што пред неколку денови почнаа градежните работи. Инвестицијата на овој локален пат е преку 300.000 евра и очекувам градежните активности да течат во предвидениот рок и со предвиденото темпо и динамика. Ова е проект којшто Општина Виница го реализира со поддршка од централната Влада“, истакна Бочварски.

Овој стар патен правец е од особено значење за локалното население, бидејќи го скратува патувањето. За слични вакви проекти Бочварски ја охрабри Општината да аплицира и со други проекти за да ги искористи средствата ставени на располагање за виничани. Министерството за проекти во Источниот Регион преку овој проект предвидува 6.000.000 евра. Бочварски уверува дека 2023 година, ќе ја надмине динамиката и реализацијата на проекти во 2022 година, а со тоа ќе се добие квалитетна и модерна инфраструктура и зајакнета економија преку градежниот сектор.
Ребека Спасова М-Нет