
Селекторот на македонската А репрезентација, Гоце Седлоски, го објави списокот на повикани фудбалери за натпревари кои следуваат против Шкотска закажан за 13 ноември и Словенија на 16 ноември од УЕФА Лигата на нации.
Македонија на 13. ноември игра против Шкотска во Глазгов, а потоа на домашен терен против Словенија ќе игра на Национална арена „Тодор Проески“ на 16 ноември.
Седлоски се одлучи за список од 26 фудбалери, меѓу нив напаѓачот на Шкендија, Марко Ѓорѓиевски, а повратници во составот се Дарко Чурлинов, Имран Фетаи, Стефан Деспотовски и Никола Серафимов.
На голманската позиција повикани се Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски и Давор Талески.
Во одбрана ќе бидат Никола Серафимов, Анес Мељичи, Висар Муслиу, Марио Младеновски, Бојан Илиевски, Стефан Деспотовски, Себастијан Херера, Езѓан Алиоски и Имран Фетаи.
Во средниот ред ќе бидат Јани Атанасов, Агон Елези, Бобан Николов, Лука Станковски, Елиф Елмас, Енис Барди, Матеј Гаштаров, Љупче Дориев, Дарко Чурлинов, Димитар Митровски.
Во нападот опција ќе бидат Елмин Растодер, Марко Ѓорѓиевски, Азер Омерагиќ и Христијан Малески.
Бојан Миовски го нема на списокот на селекторот Гоце Седлоски, кој на денешната прес конференција истакна зошто штипјанецот нема повик.
„Нема никаков впечаток, Миовски не го повикав затоа што нема настапи во својот Ренџерс. Погледнете ги последните натпревари од јуни месец до сега колку минути има во клубот, само натпреварот со Шкотска тука. На таа позиција горе во нападот имам четири играчи од кои два играчи сум ги тренерирал, еден е Азар Омерагиќ, другиот е Марко Ѓорѓиевски. Сакам да го погледнам Марко, да видам, беше долго време повреден, се врати на терените и мислам дека заслужено го доби повикот.“, вели селекторот Седлоски.
Македонија против Шкотска и Словенија ќе бара прекин на лошата серија резултати.
Александар Ванев, М-Нет