Баскет Кам од Македонска Каменица го загуби дербито со Бадел, делчевски Патриот поразен од Пробаскет

ФОТО: КФМ

Кошаркарите на Баскет Кам го загубија дербито со Бадел во гости со резултат од 84:80, во рамките на 3. коло на Првата лига.

Поранешниот шампион од Македонска Каменица одлично го отвори мечот откако со 22:25 ја доби првата четвртина, а потоа домаќинот врати во втората четвртина која ја доби со 24:18.

Третата четвртина донесе голема борба, а на крајот од истата Баскет Кам беше подобар со 21:28, но во последната четвртина Бадел се покажа подобар со 17:9 и тука беа решени дилеми околу победникот.

Кај „баделки“, Клири, која одигра неверојатен натпревар со 36 поени и 14 скока. Николов придонесе со 22 поени, осум скока и пет асистенции, додека Петрушевска го заврши дербито со 12 поени, седум скока и пет успешни додавања.

Кај Баскет Кам, најефикасна беше Митева со 28 поени и пет скока. Максимовска реализираше 24 поени, дополнети со по четири скока и асистенции. Капитенот Поп-Димитровска запиша 10 поени и четири асистенции, додека Адамовска имаше осум поени, осум скока и одлични 11 асистенции.

Баскет Кам го запиша првиот сезонски пораз, додека пак Бадел стигна до три од три за одлично отварање на сезоната.

Кошаркарите на Патриот од Делчево пружија силен отпор, но немаа сили за прва сезонска радост, откако беа поразени во Кавадарци од Пробаскет со резултат од 70:52.

Првата четвртина заврши 19:13 за домаќинот, а втората со 15:19 за гостинот од Делчево. Следните две четврти ги доби Пробаскет со 19:10 и 17:10 за потврда на победата од 70:52.

Ова беше дерби за прва сезонска победа, а од кое како победник излезе Пробаскет за прва радост, а тимот од Делчево останува како единствен кој нема триумф, односно има три порази од толку меча.

Ѓорѓиева беше најдобар стрелец во редовите на Пробаскет со 22 поени, шест асистенции и два скока. Богоевска и Мицева постигнаа по 16 поени, а Мицева имаше и извонредни 26 скока, од кои седум во нападот.

Кај тимот на Патриот, Ана Стоименовска запиша дабл-дабл со 22 поени и 10 скока. Мелани Стоименовска придодаде 14 поени, осум асистенции и четири скока.

Вардар дојде до три од три откако во гости го доби МЗТ со 50:76, а отпорот на домаќинот беше скршен со одличната трета четвртина која ја добија „вардарки“ со 8:21. Во првите две четврти резултатот беше 13:15 и 15:18, а во последната исходот беше 14:22.

Пислевска беше најдобра кај победничкиот состав со 25 поени, седум скока и пет асистенции. Бојана Николиќ постигна 17 поени, а Трајковска додаде 11 поени и шест скока.

Во редовите на МЗТ Скопје Аеродром, Рејчел беше најефикасна со 27 поени, на кои придодаде и 12 скока.

Шампионот Крива Паланка стигна до првата сезонска победа славејќи над Гевгелија во гости со 57:86. Во сите четврти шампионот беше подобар против новајлијата.

Одличен меч имаше Мариса Ли, која оствари дабл-дабл од 28 поени и 26 скока. Груевска постигна 18 поени, додека Гордон натпреварот го заврши со 17 поени, осум скока и четири асистенции.

Кај Гевгелија, која по три кола има ефект од една победа и два порази, Стојковска беше најефикасна со 17 поени и пет скока. Џангаровска реализираше 12, а Деловска 11 поени, дополнети со седум скока.

Вардар и Бадел имат по максимални шест бода за делба на врвот, Баскет Кам е трет со пет бода, а по четири бода имаат Крива Паланка, МЗТ, Пробаскет и Гевгелија, а на дното е Патриот со три бода.

Александар Ванев, М-Нет