
Вкупно седум улици на територија на општина Карбиници ќе добијат асфалт. Општината денеска ги започна активностите од новите програми од Буџетот, а градоначалникот, Виктор Паунов, посочи оти започнуваат од подобрувањето на патната инфраструктура и ќе продолжат со засилена динамика во однос на капиталните проекти. Улиците се во населените места Таринци, Карбинци и Нов Караорман, каде ќе се работи во следните денови. Паунов додаде дека во моментов се работи и на други проекти кои беа започнати минатата година.
„Работиме темелно и на проектите коишто веќе се во тек, патниот правец Таринци – Долни Балван е во една напредна динамика каде што очекуваме заклучно со рокот, до крајот на месец март, да биде завршен. Училиштето во Таринци е веќе завршено, се средуваат техничките документации и активности за да можат учениците да учат таму наскоро. Ќе започнеме и со реконструкција и изградба на неколку спортски и детски игралишта во општина Карбинци“, рече Паунов.
Паунов во оваа прилика посочи дека како Општина и Јавно претпријатие се подготвуваат за раната пролет и активностите кои значат одржување на јавните површини. Немаат поголеми дефекти во делот на водоснабдувањето и канализациската мрежа, што значи дека во моментов не се соочуваат со проблеми и пријави од граѓаните.
Активностите во однос на асфалтирањето ќе продолжат согласно со временските услови, а инвестицискатa вредност на шест од седумте улици е вкупно 2 милиони денари, додека за седмата, поголема улица во село Карбинци, ќе се потрошат околу 4 милиони денари.
Ребека Спасова М-Нет