
Фудбалскиот клуб Рудар од Пробиштип нема да учествува во новата сезона 2024/2025 од Третата македонска фудбалска лига – Исток, клубот ќе има реорганизација и фокус ќе стави на младинските категории.
Причината поради која Рудар одлучи да не настапи во новата сезона во третолигашкото друштво на Истокот е недоволниот фонд на играчи со кои располага тимот во моментот за настап во сениорска конкуренција.
Од таа причина клубот одлучи да се повлече од натпреварување во сениорска конкуренција, да стави акцент на младинските категории од каде ќе треба да произлезат млади играчи, а потоа за следната сезона 2025/2026 да пријави учество во сениорска конкуренција.
Како што дознава телевизија М Нет, клубот финансиски е стабилен сега ќе се работи со младите погони, а во новата сезона ќе се пријави учество со младински категории. Во минатото многу од екипите на Истокот паузирале по една или повеќе сезони од разни причини, најчесто поради недоволен фонд на играчи или пак поради проблем со финансиите. Во новата сезона после една година пауза се враќа Брегалница од Делчево, а Хоризонт Турново по неколку години пауза одново ќе биде во Трета лига – Исток.
Градскиот стадион во Пробиштип и во иднина ќе продолжи да се одржува со цел да биде во добра состојба.
Александар Ванев, М-Нет