РК Младост од Богданци задржа пет ракометари од својата школа, комплетен „ремонт“ во Тиквеш, Станковски нов тренер на МРК Куманово

ФОТО: Александар Ванев, М-Нет телевизија

Македонските ракометни клубови се подготвуваат за предизвиците во новата сезона за остварување на своите цели. Младост од Богданци влегува со високи амбиции и една цел – враќање во Суперлигата.

Клубот покрај тоа што се засилува со искусни играчи мисли и на своите таленти, а за таа цел ги продолжи договорите со пет ракометари од својата школа.

Се работи за 20-годишниот кружен напаѓач Стамен Гогов, потоа за 20 годишниот среден бек Ѓорѓе Ѓуриќ, со 21-годишниот Душан Каракалашев кој игра како среден бек, со левото крило Димитар пеев кој има 24 години и со Ефе Идризов, кој е 17-годишен голман.

Претходно, клубот го промовираше искусниот стратег Горан Андоновски за нов шеф на стручниот штаб, а беа претставени и неговиот син Даниел Андоновски, Србинот Лазар Адамовиќ и младиот талент Гоце Аргиров, кој потекнува од школата на Младост.

Суперлигашот МРК Куманово за новата сезона ќе има нов тренер откако клубот го претставени искусниот Аце Станковски, а досегашниот тренер Љубиша Димковски е нов спортски директор на клубот.

Станковски изминатите сезони ги водеше младинските категории на МРК Куманово, а сега управата му даде доверба да го води и првиот тим како шеф на стручниот штаб.

Големо промени ќе претрпе ГРК Тиквеш за новата сезона, бидејќи клубот се разделува со десеттина играчи кои во новата сезона нема да го носат дресот на прволигашот од Кавадарци.

Од Тиквеш си замина десниот бек Ани Обина, десното крило Евгениј Темелкоски, потоа пивотот Кристијан Анастасовски кој е нов играч на Вардар. Од клубот си замина и Даниел Андоновски кој веќе е промовиран во амбициозниот прволигаш Младост од Богданци, Славчо Шулески е нов ракометар на Еурофарм Пелсистер 2, а од Тиквеш заминуваат и Дарио Кофилоски и Јован Даневски.

Тренерот Кристијан Грчевски останува да го води Тиквеш и во новата сезона, а во истата нема да може да смета на услугите на Игор Арсиќ, Спасоје Гачевиќ и Игор Кривокапиќ, додека пак Борче Соколов ја заврши својата професионална кариера.

Позитивно во клубот е тоа што капитенот Страхиња Симиќ се враќа после големата пауза поради повреда.

Грчевски го очекува период каде ќе треба да ја склопи екипата за предизвиците од новата сезона, каде целта покрај обезбедување на плеј-оф ќе биде и борба за место во Европа. Тимот од Кавадарци веќе поднесе барање за „вајлд-карта“ за ЕХФ Европскиот Куп и сега ќе чека дали ќе добие позитивен исход од истата.

Александар Ванев, М-Нет