
Речиси 18 илјади решенија се испратени оваа година од страна на Општина Штип за наплата на данок на имот. Со овие решенија предвидено е да се наплатат 54 милиони денари данок само за 2024 година. За првите неколку месеци наплатени се околу 30%, велат од општината. Праксата покажува дека даночните обврзници се подобруваат секоја година, и не се чека последен момент за наплата на данокот на имот.
„Оваа година од пратените 17 900 решенија побарани се 54 милиони денари, досега од решенијата од 2024 година наплатени се околу 30% или 16 милиони денари. Крајниот рок за наплата е 15 ноември и сега ќе бидат озготвени опомените за претходните години за оние кои ги немаат платено решенијата за претходните години и ќе бидат пратени до обврзниците. Мора да потенцираме дека даночните обврзници се подобруваат секоја година, последните две три години наплатата постојано се зголемува.“ – вели Каров.
Опомените за неплатен данок на имот ќе се изготвуваат во периодот кој следи, а претходната година имало издадено околу пет илјади опомени. Ако навремено не се плати данокот на имот, и по опомената следува присилна наплата на данок на имот. Каров посочува дека оваа година се собира данок на имот за претходните пет години, односно пари се собираат од граѓани од 2019 години.
„Морам да кажам дека со подобрувањето, со уредната достава и даночните обврзници по добивањето на решенијата добар дел 30% ги платиле веднаш. Оваа година опомените уште не се изготвени, а претходната година беа околу пет илјади опомени.“ – вели Каров.
Претходната година данокот на имот во Штип се наплатил 107% од предвиденото. Парите се вложуваат во капитални проекти на општината.
Лаура Стојанова М-Нет